Бакарно време

Енеолитот или бакарното време го опфаќа периодот од 4.200-2000 год. пр.н.е. Првите сознанија за овој период се добиени со археолошките ископувања и истражувања извршени пред повеќе од шеесетина години. Тогаш за прв пат е констатирана енеолитската населба на Скопското Кале, што ни дава за право да констатираме дека корените на Скопје се во непрекината хронологија од четвртиот милениум пред н.е., па сѐ до денес. Во Пелагонија познати  се: Шуплевец, Бакарно Гумно, Црнобуки, Висок Рид, Горни Висои, Крушеанска Чука, Тумба-Карамани. Во охридско-преспанскиот регион истражувани се две населби: Устие на Дрим и Црквени Ливади. Во поново време во кумановско, констатирана е енеолитска населба на Костоперска Карпа – Жеглиговски Камен, во скопско во с.Варвара – Врањак, во делчевско Градиште кај Село Град, а во кочанско Пилаво – Бурилчево и светилиштето Св. Атанасиј – с. Спанчево. Археолозите се согласија регионалната културна група во Македонија да ја наречат Шуплевец-Бакарно Гумно, која што хронолошки се вклопува во пошироки територијални рамки, во културниот комплекс Бубањ-Салкуца-Криводол.

Од сите наведени локалитети во салите на Археолошки Музеј презентирани се 300 експонати движен археолошки материјал.Тоа се разновидни керамички садови, алатки изработени од бакар, коска, камен, кремен, глинени тегови и прешлени, амајлии, накит од школки, зооморфни и антропоморфни фигурини, пинтадери и друго. Документацијата и преостанатиот материјал се чуваат во Музејот.

За енеолитот во Македонија објавени се трудови во повеќе наши и странски стручни списанија, а основните податоци може да се добијат од Археолошката карта на Македонија бр.1 и бр.2.

Ирена Колиштркоска Настева, кустос советник
inasteva@amm.org.mk