Средновековна нумизматичка збирка

Средновековната збирка на НУ Археолошки музеј на Македонија е застапена со монети на императорите и владателите во временски распон од илјада години, опфаќајки го периодот од владеењето на Анастасиј I (491-518 год.), односно од неговата монетарна реформа во 498 год. до падот на монетарниот систем на независните господари во доцниот XIV век. Монетарната реформа спроведена кај бакарните монети во 498 год. е општо прифатена како почеток на рановизантиската монетарна историја со која се реформирал веќе истрошениот монетарен систем и била спречена хиперинфлацијата. Периодот по реформата е време на економско закрепнување, но и време со изразени воени турбулентни случувања на Балканот со силен акцент на Македонија. Како резултат на ова, постоело големо присуство на византиска војска, а со тоа и на трговските дејности што ја следат војната, кои произвеле да биде пронајдена огромна количина нумизматички материјал од палеовизантиските монети.

Стабилната монетарна политика која Византија се обидувала да ја спроведе на својата територија, не извршила драстични промени во Македонија меѓу VII и X век, бидејки циркулацијата на пари била на многу слабо ниво, што се должело на перманентното населување на словенско – аварските племиња од север, чијашто економија била сѐ уште базирана на натурална размена. Исклучок претставувале приморските градови, меѓу кои и двата најголеми монетоковачки центри Константинопол и Тесалоника, кои произведувале пари низ целиот среден век. Слабата монетаризација на Балканот траела до времето на Василиј II, кој успева да ја поврати контролата на Византија врз полуостровот и преку инфлаторни бронзени емисии да ја зголеми монетарната циркулација, која ќе ја доживее својата кулминација во времето на династијата на Комнините. Анонимните фолиси кои биле ковани од 976 до 1092 год. претставувале пропагандни монети, кои имале политичка позадина чија намена била наметнување на византиската монетарна политика на териториите кои нецелосно ја прифаќале византиската централна власт. Овие варијанти на монети имаат христијански пораки на аверсот и реверсот, а не носат никакви државни обележја и симболи. Покрај бронзените монети во периодот меѓу VII и XI век, значително присуство има на златни (солиди и хистамени) и сребрени монети (милиаренсии) кои најчесто се пронаоѓаат во остави.

Следната голема реформа на византискиот монетарен систем ја прави императорот Алексиј I Комнин во 1092 год., со што монетите во потполност ја губат својата вообичаена форма и добиваат конкавна. Периодот од XI до XIII век во Македонија е исто така турбулентен, како од воен, така и од монетарен аспект, како резултат на тоа се пронајдените огромни количини нумизматички материјал како во депоа, така и како единечни примероци. Најголемата концентрација на монети во средновековната збирка на НУ Археолошки музеј на Македонија потекнува од овој период. Тука во голем број се застапени монетите на Маноил I Комнин, Исак I Ангел, латинските и бугарските имитации, монетите на никејските владетели и владетелите на Тесалоника. Покрај ова, во голема количина се присутни и примероците од последната византиска династија која опстојувала на територијата на Македонија, сѐ до доаѓањето на Расите (Србите), односно династијата на Палеолозите, која е застапена преку монетите на Михаил VIII, Андроник II и неговиот внук Андроник III.

Промената на политичката власт во Македонија почнувајки од 1282 год. до паѓањето на Скопје под Османлиите, сто години  подоцна условила промена и на монетарниот систем, при што доаѓа до напуштање на монетите со конкавна форма кои биле ковани од злато, електрон и бронза, и заменување со монетите кои се рамни и базирани врз западноевропската (венецијанска) монометалистичка политика на сребро. Од овој период имаме изненадувачки голем број на пронајдени остави од целата територија на Македонија, во кои што се присутни примероците на сите српски владетели, но и на независните господари како Волкашин, Марко, Константин Драгаш, Андрија Гропа и Лазар. Од крајот на XIII до крајот на XVII век на територијата на Македонија се присутни и парите на тогашните трговски сили како што биле Венеција, Унгарија и Дубровник, што укажува на силна економска и трговска динамика. На ова може да се додадат и бројните остави и единечни примероци на акчи, мангари и други деноминации од османлискиот период, кои ќе ја наметнат својата монетарна политика на целиот Балкански Полуостров од крајот на XIV век до владеењето на последниот султан Мехмед V Решад (1909-1918 год.).

Средновековната нумизматичка збирка на НУ Археолошки музеј на Македонија е втора по големина во земјата, веднаш зад охридската збирка.
 
Јован Кондијанов, нумизматичар, кустос советник
 
м-р Трајан Зафировски, нумизматичар, надворешен соработник
trajanmuzej@amm.org.mk