Антропологија

Почетокот на антропологијата започнува во 1983 год. во рамките на некогашниот Археолошки музеј на Македонија. Со антрополошките истражувања се реконструираат физичкиот изглед на човекот во минатото, движењето и промените на палеодемографските карактеристики на населението низ време со што се реконструираат животните услови, етногенетските и антропогенетските процеси низ праисториските и историските периоди, како и палеопатолошката слика на човекот во Македонија.

Извршена е антрополошка анализа на над 15.000 скелети од стотина археолошки локалитети. Тоа се, по хронолошкиот редослед поважните, праисториски: Маркова Сушица и Хиподром – Скопје, Водоврати и Уланци – Велес, Варвара – Скопје, Милци и Вардарски Рид – Гевгелија, Дедели – Валандово. Од античкиот период се Стоби – Велес, Скупи – Скопје, Марвинци – Валандово, Отошница и Опила – Крива Паланка како и средновековните: Демир Капија, Виничко Кале, Пепелиште и Бистренци – Неготино, Дуње – Прилеп, Орта Џамија и Водоча – Струмица и Плаошник – Охрид.

Реализирани се неколку повеќегодишни истражувачки проекти како “Антрополошки карактеристики на средновековното население од Црквиште – Демир Капија”, “Антрополошкиот профил на античкото население на Стоби”, “Средновековното население од Орта Џамија и Водоча – Струмица” и “Населението на Скупи”. Резултатите се презентирани во пет монографии и педесетина текстови во стручните списанија.

Во 2004 година експонирана е изложбата со наслов “Човекот во минатото во Македонија”, со дво и тродимензионални реконструкции на ликови (скулптури и цртежи) на тринаесет избрани индивидуи кои хронолошки припаѓаат на периодот од неолит до среден век, како и реконструкција на облекувањето, китењето и вооружувањето во минатото.

Скелетната збирка формирана од наоди откриени од Музејот на Македонија, како и неколку илјади примероци со патолошки траги се чуваат во депото на институцијата.
 
д-р Фаница Вељановска, физички антрополог, кустос советник