Класичен период

Збирката за класичен период во постојаната музејска поставка презентира експонати, кои временски потекнуваат од крајот на V до средината на IV век п.н.е. Тоа е време на значајни општествени, демографски, политички и економски промени во животот на популациите што ја населувале територијата на Република Македонија и поширокото централно балканско подрачје, а меѓу кои Пајонци, Македонци, Бриги, Дасарети, Линкести, Илири, Дарданци и др.

Изложените предмети се сведоштва на нивната развиена материјална култура, како и на економските, трговските и културните релации, особено со јужните, хеленски градови и колонии. За активното влијание на хеленскиот свет врз развојот на популациите кои ја населувале територијата на Република Македонија во антиката сведочат бројните примери на разновидни ексклузивни предмети за домашна и лична употреба, донесени директно од центрите на античкиот свет: Атина, Олинт, Пела, Амфипол, Филипи итн. Таков пример е групата керамички садови во стилот на црвено-фигуралното сликарство, пронајдени на локалитетите кај Демир Капија и Исар-Марвинци кај Валандово. Меѓу нив се издвојуваат повеќе форми што ќе ја одбележат раната антика: пелике, лекит, кантарос, скифос, а особено хидријата од Демир Капија со претстава на Дионисовиот култ во стилот на големиот Медијас.

Ваквите и други форми трпезни, кујнски и амбалажни садови стануваат сè повеќе популарни во домашната (локална) керамопродукција. Меѓу нив се издвојува групата сивопечени садови, позната и како сива пајонска или сива македонска керамика. Заради задоволување на потребите на пазарот при изработката на одредени форми започнува употреба на калапи.

Покрај керамичките садови, особено внимание привлекува накитот. Прекрасните дијадеми, обетки, ѓердани, белегзии, прстени, фибули и др. изработени во техника на филигран и гранулација, несомнено се продукт на големи мајстори на златарството. Во најголем случај овие предмети се откриени на античките некрополи во Република Македонија, како Исар-Марвинци, Жданец, Демир Капија, Беранци, Охрид. Меѓу нив посебно се издвојува групата 104 златни предмети од гробовите 127 и 132 откриени на некрополата на Горна Порта во Охрид.

Теракотните фигурини со антропоморфни и зооморфни претстави се вообичаени наоди на раноантичките населби и некрополи и тие ја пренесуваат приказната за религијата и култовите во раната антика, односно за духовната култура на овие наши далечни предци.

Од групата експонати оружје, иако помалку застапено во однос на останатиот материјал, се издвојуваат повеќе мечеви, ножеви, врвови од копја и стрели од Исар-Марвинци, Жданец, Демир Капија и други локалитети. Меѓу нив посебно место имаат уникатните шлемови откриени во Исар-Марвинци, Валандово; Корешница, Демир Капија и Горна Порта, Охрид.
 
м-р Горан Санев, археолог, виш кустос за класичен период
sanev@amm.org.mk