Доцна антика

Доцната антика го означува периодот на преминот од класичната антика во среден век. Одбележен е со значајни реформи кои доведуват до промени во економскиот и културниот развој. Се развива силно стопанство и нова доцноримска култура. Археолошката збирка на предмети од доцноантички период содржи предмети, добиени воглавно од археолошки ископувања, рекогносцирања, по пат откуп. Предметите се датирани во периодот од 4 – 6 век. Збирката ја одликува нагласена разнородност и широк дијапазон на утилитарни и декоративни предмети,.

Предметите од оваа збирка се поделени во следните групи: керамички садови, керамички светилки, бронзени светилки, сребрен и златен накит, предмети од стакло, стаклена паста, коскени предмети, бронзени фибули, токи,мермерна декоративна пластика.

Меѓу керамичките садови се истакнува групата на садови од македонска terra sigillata и северно африканска, датирани во 4-5 век. Дел од нив потекнуваат од импорт или се изработени во локални работилници, а под влијание на италските или северно африканските работилници. Помеѓу керамичкиот материјал, спаѓа и богатата колекција на светилки од 4-6 век.

Особено место во збирката зазема извонредно богатиот инвентар од еден доцноримски гроб од околината на Дебар, датиран во 4 век, со две стаклени фиали, златна фибула, сребрена чинија со богата декорација, сребрена кана и други предмети од сребро, бронза, коска. Помеѓу нив, особено внимание привлекува стаклената чаша-Диатрета.Бронзените светилки се со ранохристијански симболи, карактеристични за своето време, датирани во 5-6 век, а потекнуваат од Стоби.Извонредна група претставуваат и коскените предмети со утилитарна или декоративна намена, датирани во 5-6 век, а потекнуваат од еден ранохристијански град кај с.Коњух, кратовско.Во збирката посебно место зазема и богатата колекција на керамички икони, од Виничко Кале во Виница, кои претставуваат драгоцено дело на ранохристијанската уметност. Датирани се во 5-6 век. На нив се прикажани релјефни претстави на светители, сцени од Стариот и Новиот Завет. Групата на архитектонска декоративна пластика ја сочинуваат: мермерни капители, парапетни плочи, делови од мозаици, од 5-6 век, кои потекнуваат од Коњух, Суводол, Стоби.

На постојаната музејска поставка, доцноантичкиот период е презентиран со  археолошки експонати, од 4 до 6 век. Во 10 витрини се изложени Стаклената чаша-Диатрета, целокупниот гробен инвентар, кој епронајден со неа.Керамички садови од групата сигиллатта, садови и светилки од северноафрикански тип. Гробен инвентар од еден доцноримски гроб од с.Зајас со две стаклени амфори. Бројни предмети од накит и утилитарни предмети од бронза, сребро, стакло, коска. Бронзени светилки со ранохристијанска симболика, дел од колекцијата на теракотните икони од Виница. Сликата ја надополнува реконструкцијата на олтарниот ансамбл од базиликата во Суводол, со поден мозаик.
Тие претставуваат сведоштво за значаен период на Римската Империја, на длабоките политички и економски промени со кои всушност започнува трнсформацијата на Римската Империја во една подоцнежна форма на доцноантичка (доцноримска) култура, односно појавата на новата рановизантиска култура под чие влијание настануваат значајни промени на територијата на Р. Македонија.

Кустос советник: Мила Шурбаноска
milashurbanoska@amm.org.mk